Почина бебето кое беше примено во тешка состојба на Детската клиника во Скопје. Се работи за деветмесечно бебе кај кое на почетокот постоеше сомневање дека белодробната слабост му е предизвикана од инфективната болест туберкулоза, но подоцна и се утрдило дека има туберколоза.
Како што објави А1он, дететото на Детската клиника во Скопје беше донесено на 24 февруари во тешка состојба, и беше итно префрлено од болницата Козле“. Како итен случај беше сместено во одделот за интезивна нега на детската клиника и беше ставено на машина.
Бебето беше интубирано и ставено на машина во сала во одделот за интезивна нега. Проблемот беше што во истиот тој оддел имаше уште 7 деца кои се најтешки случаи и се исто така поврзани на машини за одржување.
Туберкулозата е тешка заразна болест и родителите на децата беа згрижени на Детската клиника, стравуваа дека нивните и така болни деца, можат да се заразат и нивното здравје дополнително да биде влошено.
„А1он“ побара информации и од Детската клиника и доби потврда од директорката Стoјка Нацева-Фуштиќ дека таков пациент е примен но според неа не постоел никаков ризик за другите пациенти.
– Примено е деветмесечно бебе во живото-загрозувачка состојба и точно е дека добивме анамнестички податок дека мајката се лекувала од туберкулоза, но кај бебето нема никаква информација и не е докажано дека е болно од туберкулоза. Односно не постои за него медицинска документација дали белодробната – респираторна слабост која ја има се должи евентуално на туберкулоза, рече тогаш за А1он, Нацева-Фуштиќ.
Според директорката дури и да било детето заболено од туберкулоза, како што рече „нема никаков ризик за останатите пациенти или персонал иако бебето првично е примено и интубирано во одделот за интезивна нега каде лежат и други деца“.
– Прво да појасниме дека дури и да е болно од туберкулоза и да се заразило од својата мајка, бебињата не се преносители на оваа заразна болест. Тие не кашлаат и нема опасност од пренос на бацилите. Дополнително детето е сместено во посебна изолирана соба, за него се грижи една медицинска сестра која е опремена со сета заштитна опрема, маска, ракавици и слично. Значи детето е во посебна изолација и нема никаков ризик за другите пациенти и персонал, објасни тогаш д-р Нацева-Фуштиќ.