Косовскиот премиер Албин Курти во интервју пред новата рунда преговори во Брисел изјави дека до крајот на годината може да се постигне договор меѓу Србија и Косово, а централниот дел од нормализацијата на односите треба да биде меѓусебното признавање.
Косово и Србија имаат за цел да склучат значаен договор за нормализација на односите оваа година, изјави Курти во ексклузивното интервју за порталот Еуроактив во пресрет на преговорите во Брисел, но нагласи дека нема да биде непречено и покрај зголемениот ангажман на Западот.
„Потребна ни е нормализација на односите, а тоа може да се постигне со взаемно признавање како среден дел (на нормализацијата)“, рече Курти. Тој како клучен проблем ја наведе упорноста на Белград во формално непризнавање на независноста на Косово, иако тој може да се согласи на де факто признавање.
Коментарите на Курти дојдоа во пресрет на средбата на високо ниво, организирана од високи европски претставници, на која се очекува лидерите на Србија и Косово да поддржат договор за нормализација на заладените односи, пишува порталот Еуроактив.
Ажурираниот предлог на ЕУ, кој го добија двете страни пред почетокот на самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана минатиот декември, но сè уште не е официјално објавен, вклучува меѓусебно признавање на официјалните документи, зголемена финансиска помош и други мерки за подобрување на животот на луѓето во двете земји.
Запрашан за коментар за изгледите за постигнување договор до крајот на оваа година, според посочената временска рамка, Курти рече: „Секако дека целта е да се добие овој договор оваа година“.
Во пресрет на средбата во Брисел зборуваше и српскиот претседател Александар Вучиќ. Вучиќ изјави дека на денешната средба во Брисел, како дел од дијалогот меѓу Белград и Приштина, ќе го направи она што е најдобро за Србија.
„Ниту ќе има капитулација, ниту ќе има враќање во деведесеттите, Србија ќе оди напред, колку и да е тешко, и ќе успееме да се избориме за тоа“, порача Вучиќ во обраќањето на Инстаграм.
Тој им се заблагодари на оние кои го поддржуваат раководството на Србија, а на оние „кои однапред се подготвуваат да не нападнат додека потпишуваме нешто затоа што на тој начин ќе бидеме предавници и тие однапред знаат дека ние сме виновни и дека се враќаме во деведесетите. Можам само да кажам дека не треба да се грижат“, додаде Вучиќ.