„Фамилија“ изложба на скулптури од Синиша Новески

Од:

На 2 март во 19 часот, во Културно-информативен центар – Скопје, Салон Империјал 1 ќе биде отворена изложбата на скулптури од Синиша Новески насловена „Фамилија“.

Новески е интимист, стилски определен за традицијата и за модернизмот. Преокупиран со хармонијата на компактниот волумен, како и со предизвиците на времето што значи притаен немир на животното пулсирање, а едновремено и со создавање уметничка проекција на една контемплативна голема благост во изразот. Таквиот несекојдневен амалгам на внатрешни импулси е реализиран во цврста форма со уверување дека убавината на традицијата е неисцрпна како и експериментите во доменот на модернизмот (примери од творештвото на Хенри Мур, Коста Ангели Радовани, Франо Кршиниќ, Иван Мештровиќ).

Синиша Новески во разни тематски и стилски варијанти го негува фамилијарниот култ на човекот низ сензибилната претстава на телото и поттиците на внатрешниот живот. Едноставноста, рамнотежата и чистата пластичност на скулптурите и во цртежите, оставаат простор и за проширено толкување на неговите дела. Тоа се значајни квалитети во ова крајно вознемирено време, време полно со страв и неизвесност, време во кое секоја искра на човечност и позитивна проекција на складност и надеж во ликовниот израз, делува благотворно и за уметноста која ја изгуби аурата на емотивност и остана во просторот на својата површна провокативност. Материјалот и чувствата во делата на Новески се неодвоиви компоненти во кои е содржана човечката искра на благост и на присност, но и на отуѓеност, искажани со една непосредност или „изворна едноставност“. Во нив се препознава неисцрпната убавина на минатото – добра основа за наредните творечки истражувања и дела на уметникот.

Владимир Величковски

БИОГРАФИЈА

Синиша Новески (роден на 6. септември 1978 г.) е академски скулптор и искусен педагог. Има повеќе од 20 скулптури изложени во јавни простори во Македонија, Србија, Бугарија и САД. Излагал на 20 самостојни и повеќе од 30 групни изложби. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија како и на Друштвото на ликовни уметници од Македонија во Србија, во кое бил член на Управниот одбор од 2014 до 2022 г. Има учествувано во повеќе од десет ликовни колонии и симпозиуми и освоил исто толку награди како за сопствено уметничко творештво, така и за менторско-педагошко работење со студенти.

Изложбата ќе биде отворена до 14.03.2023 година.

Би можело да ве интересира

Изложба „Ќе ме (С)нема!“ – Ода за Преспанско Езеро на Кети Талевска во Битола

„Уживање“ – изложба на Марта Патлиџанковска и Лусиана Ампева во Галерија МКЦ

А1он

Во галеријата КО-РА отворени изложбите на Петра Јовановска и на Рафаел Ристовски

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

Со изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“, започна третото издание на Маалски фестивал

Во Утрехт изложба „5х10“, на дела на пет реномирани македонски фотографи