Шпанија го откри првиот сомнителен случај на Марбургова болест, смртоносна заразна болест што доведе до карантин на повеќе од 200 луѓе во Екваторијална Гвинеја, соопштија во саботата здравствените власти во шпанскиот регион Валенсија.
Маж (34), кој неодамна беше во Екваторијална Гвинеја, беше префрлен од приватна болница во одделот за изолација во болницата Ла Фе во Валенсија додека се вршат тестови, соопштија регионалните здравствени власти.
Тројцата здравствени работници кои го лекувале мажот превентивно биле изолирани.
Резултатите од тестовите, кои одредуваат дали пациентот има вирус, треба да бидат познати овој викенд, изјави портпаролот на шпанското Министерство за здравство.
Вирусот Марбург може да има стапка на смртност до 88 проценти, според Светската здравствена организација (СЗО). Нема одобрени вакцини или антивирусни третмани за негово лекување.
На 13 февруари, Екваторијална Гвинеја стави во карантин повеќе од 200 луѓе и го ограничи движењето во провинцијата Ки-Нтем, каде за првпат беше откриена хеморагичната треска.
Според СЗО, малата централноафриканска нација досега пријавила девет смртни случаи, како и 16 сомнителни случаи на болеста, со симптоми како треска, замор, повраќање со крв и дијареа.
СЗО соопшти дека го засилува епидемиолошкиот надзор во Екваторијална Гвинеја.
Камерунските власти открија два сомнителни случаи на Марбуршка болест на 13 февруари во Оламзе, општина на границата со Екваторијална Гвинеја, соопшти денеска јавната здравствена служба во регионот.
Камерун го ограничи движењето долж границата за да избегне инфекција.