Ова ми беше седма ослободителна пресуда по ред почнувајќи од двете пресуди од Хаг. Заврши мојата голгота која трае повеќе од 20 години, изјави Љубе Бошкоски откако беше ослободен од обвинението дека незаконски ја финансирал политичката кампања.
– Од денес па натака сум можеби сум единствен на балканските простори што помина 11 години неправедно во затвор. Времето никој не може да ми го врати, но ги охрабрувам сите судии да ги земат предвид сите докази, а не да влегува политиката во судниците, вели Бошкоски.
„Ова го доживувам како победа на правдата. Моментално ќе се повлечам од политиката поради приватни причини. Се надевам дека можам уште да придонесам за мојата Македонија сега кога знам дека немам никаков багаж зад мене со мојата партија“, додаде тој.
Бошкоски се гонеше дека земал пари за кампањата од странски државјанин кој во процесот беше и еден од клучните сведоци и се сослушуваше како загрозен сведок под псевдоним З1.
За случајот „Кампања“ Бошкоски веќе одлежа пет години затвор во Идризово.