Бошкоски е ослободен од вина во случајот „Кампања“

Од:

Љубе Бошкоски се ослободува од обвинението дека незаконски ја финансирал политичката кампања.

За случајот „Кампања“ тој веќе одлежа пет години затвор во Идризово, а сега судот утврди дека нема докази за делото.

Бошкоски беше ослободен бидејќи судот не можел да го најде заштитениот сведок и бидејќи судот не можел да утврди дека Бошкоски ги зел парите од странско лице. По правосилност на пресудата, Бошкоски ќе биде избришан и од евиденцијата како осудувано лице.

Бошкоски се гонеше дека земал пари за кампањата од странски државјанин кој во процесот беше и еден од клучните сведоци и се сослушуваше како загрозен сведок под псевдоним З1.

Во повторениот судски процес тој не сведочеше, а судијката Илиевска-Јосиповиќ рече дека судот се обидел да го повика да сведочи во два наврати но не го добил.

Денешната пресуда доаѓа по повторената постапка која ексминистерот за внатрешни работи ја покрена одредено време по излегувањето од затвор со тврдење дека целиот случај е монтиран од тогашната власт. Повторената постапка ја активираа неговите адвокати кои сметаа дека му се прекршени правата за фер судење и неможноста за испитување сведоци, а за тоа зелено светло добија по пресудата од Стразбур дека Бошкоски немал правично судење.

Европскиот суд за човекови права во јуни 2020 година пресуди дека на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски му биле прекршени правата на фер судење по обвинувањето за нелегално финансирање на неговата партија Обединети за Македонија за време на изборите во 2011 година.

Судот во однос на тужбата на Бошкоски против Република Северна Македонија констатира и дека во текот на целото судење имало недостиг на правичност, согласно Европската конвенција за човекови права, поради што пресуди да му бидат исплатени 4 500 евра за нематеријална штета и 1 220 евра за трошоци и расходи.

Бошкоски во тужбата се жалеше дека со посебните процедури за сослушување на заштитениот сведок биле нарушени правата на неговата одбрана и дека одржувањето на три рочишта зад затворени врати претставува повреда на право за одржување јавна расправа.

Предметот во јавноста познат како „Кампања“ одново се врати во македонската судница откако кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје го прифати барањето на одбраната на Љубе Бошкоски за повторно судење.

Бошковски издржа казна затвор од 5 години, која му беше досудена во предметот „Кампања“ во кој тој беше обвинет за незаконско финансирање на изборната кампања на неговата партија Обединети за Македонија на изборите во 2011 година.

Тој излезе од затвор во јуни 2016 година.

За неговото апсење, кое се случи на 6 јуни 2011 година, Специјалното јавно обвинителство го отвори предметот „Тортура“ за кривичното дело „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“, но Сашо Мијалков и шестмина припадници на единицата Алфи добија ослободителна пресуда во првостепената постапка.

Би можело да ве интересира

Димитриевски во Тетово: Ја бараме поддршката на граѓаните за работите во Македонија да не бидат како досега

А1он

СДСМ: Глас за Пендаровски е глас за сигурна европска иднина

А1он

Продолжува кампањата за претседателските избори, а наскоро започнува и за парламентарните

А1он

„Не користи мобилен телефон додека возиш“: Кампања на РСБСП

A1on

Со поддршка од „Макпетрол“ и во Кочани ќе се одржат работилници против врсничко насилство

А1он

Започнува медиумската кампања за придобивките од евроинтеграцискиот процес на Македонија, под слоганот „Европска иднина, поблиску од кога било“