Русија денеска објави дека протерала четворица австриски дипломати откако Виена исто така протерала четворица Руси поради наводна шпионажа.
Руското Министерство за надворешни работи во соопштението наведува дека Виена со протерувањето на руските дипломати презела „непријателски и неоправдан чекор“ и дека ја уништува претходната позиција на Австрија како, како што се наведува, почитувана, непристрасна и неутрална држава.
Министерството за надворешни работи на Австрија на 7 февруари донесе одлука за протерување на четворица руски дипломати, наведувајќи дека овој чекор е преземен поради кршење на Виенската конвенција, што значи дека тие се занимавале со шпионажа, пренесува Танјуг.