Вчеравечер, во рамките на „Карпошово културно лето 2013“, средношколците од скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“ го облагородија Амфитеатарот на кејот на Вардар.
Со бравурозната изведба на театарската претстава „Чевел“, која изобилуваше со елементи на мјузикл, тие го претворија овој јавен простор во прекрасна отворена сцена.
Поставувајќи го чевелот како централен субјект низ политичко-општествен контекст, длабоко допирајќи во некои социјални аномалии, создаден е еден уметнички сублимат од музика, танц и од актерски израз. Љубителите на културата уживаа во извонредната сценографија и незаборавната изведба на 55-те млади учесници, кои беспрекорно го одиграа ова „театарско парче“.
Ова дело на професорката Татјана Алексиќ е плод на нејзината неограничена способност за играње со метафората и со истенчено чувство за комбинација на стилови. Нејзиниот несебичен ангажман во соработка со колегите Златица Кратовалиев и Виктор Барбутов, создаде сериозен тим од млади ентузијасти, кои ја сочинуваат драмската секција на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“.
Денеска е последниот ден од традиционалната манифестација „Карпошово културно лето“. Следува целодневна културна програма. Со почеток во 12 часот напладне, на плоштадот „Лептокарија“ почнува детската програма со Ања Ветерова и со детскиот фестивал „Поточиња“.
Вечерва, во 19 часот, во Амфитеатарот на кејот на Вардар, ќе настапат фолк-легендите Зуица Лазова и Наум Петрески.
Веднаш по концертот, во 21 часот, преку голем видеоекран, љубителите на спортот ќе можат да го проследат директниот пренос од кошаркарскиот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и на Литванија.