Долговите на “државниот сектор“ , јавни претпријатија, здравство, општини, образование на крајот од кризната 2022 година надминаа 418 милиони евра, ниво кое е повисоко и во однос на третиот квартал од лани и во однос на истиот период лани, пишува Порталб.мк. По основ на неплатени сметки за комуналии, греење, транспорт, државниот сектор пријавил долг од 77,4 милион евра.
Раст на долговите на јавните претпријатија …
Само за три месец значајно се зголемени доспеаните а неплатени обврски на јавните претпријатија на централно и на локално ниво. Долговите на јавните претпријатија на централно ниво и на државните фирми на крајот од декември достигна 158,3 милион евра што е за 32,3 милиони евра повеќе, новосоздаден долг само за три месеци. Кај општинските јавни претпријатија само за три месеци долгот е зголемен за 4,8 милион евра.
Доспеани а неплатени обврски (2022)
IV квартал III квартал
ЈП на централно ниво, државни фирми 158 335 000 е 126 010 000 е
ЈП на локално ниво 629 000 е 70 794 000 е
Финалните податоци од новата “должничка листа“ на Министерството за финансии на квартално ниво покажуваат намалување на долговите на здравството, на дел од општините, но сепак тие се бројат во десетици милиони евра. Конкретно доспеаните а неплатени обврски на јавните здравствени установи на крајот на декември изнесувале 84,7 милион евра што ги рангира на второ место по висината на долгот, зад јавните претпријатија и државни фирми.
Доспеани а неплатени обврски (декември2022)
Јавни здравствени претпријатија 84 673 000 е
Општини 66 200 000 е
Буџетски корисници (прва линија) 10 600 000 е
Анализата на податоците покажува дека најголем удел во растот на вкупните доспеани а неплатени обврски на државниот сектор имаат токму јавните претпријатија. Вкупниот внатрешен долг меѓу институциите и кон приватниот сектор на крајот на декември лани достигна 418,6 милион евра.
Доспеани а неплатени обврски
Декември 2022 година 418 622 400 евра
Септември 2022 година 405 800 000 евра
Декември 2021 година 391 571 000 евра
Само за три месеци, во четвртиот во однос на третиот квартал лани, долговите се зголемени за 12,8 милион евра а во однос на 2021 растот е за 27 милион евра.
Најголем долг за комуналии, греење, транспорт….
Според висината на долгот на врвот од должничката листа се наоѓаат три јавни претпријатија / ад во државна сопственост и две општини. На прво место е АД “Македонски енергетски ресурси“ со долг значајно зголемен за три месеци на ниво до 82,6 милион евра, на второ место е АД МЖ Транспорт со долг од 64,9 милион евра, следува општина Тетово со износ од 13,5 милион евра, ЈП Колекторски систем Скопје со долг од 8,6 милион евра и на петто место е општина Охрид со пријавен долг од 8,4 милион евра.
Највисоките должнички износи се по основ на комуналии, греење, транспорт, комуникации, за материјали и ситен инвентар, за договорни услуги. Така на крајот на декември износот на доспеани обврски за комунални сметки, комуникации, греење изнесувал 77,4 милион евра, за материјали и ситен инвентар 73,7 милион евра, за договорни услуги 41,3 милион евра, за други градежни работи 36,5 милион евра. Најголем дел од долгот е внатрешен, во јавниот сектор и кон приватните фирми и здруженија, па така обврските меѓу јавниот сектор изнесувал 199 милион евра а кон приватниот сектор скоро 198 милион евра.