Италија го повлече предупредувањето за цунами издадено за јужните крајбрежни области по големиот земјотрес во централна Турција и северозападна Сирија, соопштија денеска италијанските власти.
Одделот за цивилна заштита на Италија во првите моменти по силниот земјотрес издаде соопштение во кое им препорача на граѓаните да се држат настрана од крајбрежните области, но ова предупредување подоцна беше повлечено, пренесува Ројтерс. Како мерка на претпазливост, железничкиот сообраќај беше привремено прекинат во регионите на Сицилија, Калабрија и Апулија на југот на Италија, се вели во соопштението на агенцијата.
Повеќе од 500 луѓе загинаа, а стотици луѓе се повредени во синоќешниот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, кој погоди делови од Турција и Сирија.
Епицентарот на земјотресот, кој се почувствувал дури и во Каиро, се наоѓал северно од турскиот град Газиантеп, во област на околу 90 километри од границата со Сирија. Земјотресот бил почувствуван на Кипар и Либан, објави претходно Ројтерс.