Aвтобусот на „Дурмо турс“ 16 дена вршел превоз на патници без да биде регистриран

Од:

Со испитување на вештото лице Зекирија Зекири, дел од тимот што го изготвил машинското вештачење, во Основниот кривичен суд денеска продолжи распитот на вештаците кои го изготвија супервештачењето за случајот „Ласкарци“.

Јавниот обвинител Дарко Јакимовски на денешната расправа продолжи да го испитува вештото лице Зекирија Зекири во врска со околностите утврдени во машинското супервештачење.

При распитот се утврди дека предметниот автобус 16 дена вршел превоз на патници без да биде регистриран, односно, возилото не било регистрирано во периодот од 18.12.2018 година до 3.1.2019 година.

Прашан дали од списите кои им биле доставени, не постои релевантен показател дека дефект на третата пратечки оска го изнудила или го изменила правецот на движење на предметниот автобус, вештото лице одговори дека е точно дека, како што рече, „на третата пратечки оска течело масло, тоа масло течело и порано, според доказите кои ги имаме, не е причина за штетата и не може да го промени правецот на движење“.

Потоа, обвинителот праша дали постои материјален доказ од патната подлога во вид на траги од завлекување и слично кои би укажале дека почетокот на незгодата бил како резултат на третата пратечка оска, на што вештото лице Јована Савова одговори дека не се согласуваат со наодот на вештото лице Љупчо Стефановски, затоа што нема соодветни траги како доказ дека се случило тоа што тој го наведува.

На прашањето дали е невозможно искусен возач на автобус ваков дефект да не почувствува и за истиот да не посочи дека настапил до ден денеска, вештото лице Зекири одговори дека тие се такви неправилности кои што не можат веднаш да се забележат и за тоа треба подолго време.

На изминатото рочиште јавниот обвинител Дарко Јакимовски поставуваше прашања кои се однесуваат на стручноста и компетентноста на вештаците, за што, во неколку наврати, бранителите на обвинетите реагираа и посочија дека тоа е само обид за дискредитирање на вештаците.

Вештиот наод од Бирото за вештачење, нарачан од Судот пристигна кон крајот на декември изминатата година и истиот им беше доставен на обвинителот и обвинетите преку нивните бранители.

Претходно, судот донесе решение, по дадена согласност на сите странки, поради економичност и целисходност на постапка, сите досега изведени докази да се прочитаат и постапката да продолжи со увид во супервештачењата.

Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, а Техничкиот факултет во Битола, своевремено, дополнително извести и дека го вратиле предметот бидејќи нивните лиценцирани вештаци за машинство се стручни само за енергетика и не можат да вештачат моторни возила. Од Кривичен, потоа, информираа дека контактирале со Универзитетот во Штип и Машинскиот факултет во Скопје, од каде што биле известени дека тие немаат доволно лиценцирани вешти лица за сообраќајни возила кои не учествувале во претходните вештачења. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година, а во која загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени, се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Судскиот процес за несреќата што започна во септември 2019 година го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител, Дарко Јакимовски.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Обвинителството бара повисоки казни за автобуската несреќа кај Ласкарци

Предраг Петровиќ

ЗНМ со поддршка кон колешката од МИА Ангела Рајчевска

Новинарка на МИА вербално нападната од обвинетиот Горан Дуковски во случајот „Ласкарци“

Само во судството на СДС и ДУИ првообвинетиот добива најмала, а шестообвинетиот најголема казна реагира ВМРО-ДПМНЕ

Обвинителот во „Ласкарци“ најави преиспитување на казните

Пресуда за „Ласкарци“: 14 години затвор за возачот на автобусот, сопственикот на „Дурмо Турс“ доби најблага казна од сите обвинети

Александар Тодески