Претседателот на Чешка, Милош Земан, престојува во Србија, која ја избра за проштална странска посета на крајот од вториот и последен мандат.
Тој разговараше за војната во Украина со претседателот на Србија, што и двајцата уште еднаш остро го осудија.
Инаку, Земан беше познат и како проруски човек до почетокот на руската агресија врз Украина.
Во март, Земан го завршува вториот петгодишен мандат како претседател на Чешка, кога ќе го наследи поранешниот генерал на НАТО Петр Павел.
Вучиќ му се заблагодари на Земан за неговиот став за Косово, но и за неговото лично извинување до Србија за бомбардирањето во 1999 година, кога тој беше премиер на Чешка.
„Едно време и чешкиот парламент ја повика владата да не го признае Косово, но за жал политичката ситуација се промени и силите кои го признаа Косово победија, а јас не сум автократ и ги почитувам демократските принципи. Ниту јас, ниту мојот претходник Вацлав Клаус даде согласност за именување на чешкиот амбасадор во Приштина“, рече Земан.