Информатичкиот дефект што ја принуди американската регулаторна управа за цивилно воздухопловство (ФАА) привремено да ги прекине домашните летови во САД на 11 јануари, беше предизвикан од соработник кој случајно избришал датотеки, соопшти ФАА во четвртокот.
Агенцијата веќе го припиша дефектот, поради кој илјадници летови беа откажани и одложени на 11 јануари, на оштетување на датотеката со базата на податоци.
Првичниот извештај покажа дека соработникот „ненамерно ги избришал датотеките додека работел на усогласување на главната и секундарната база на податоци“, додава агенцијата.
Истрагата продолжува, но агенцијата посочува дека се уште не нашла докази кои би го поврзале инцидентот со злонамерен чин или хакерски напад.
FAA сега работи на тоа да го направи предметниот информациски систем, кој во реално време ги предупредува членовите на екипажот за потенцијална опасност на земјата и во воздухот, да биде „поотпорен“.
Американскиот секретар за транспорт Пит Бутиџиг на 11 јануари изјави дека побарал од FAA да ја открие причината за проблемот и да каже зошто системите кои треба да обезбедат нормално функционирање во случај на дефект не функционираат.