Вршителот на должноста директор, Ванчо Богоев бил сменет од својата позиција затоа што не сакал да потпише вработување за пејачот Арбен Бени Шаќири.
Од МКЦ соопштија дека Богоев не подлегнал на притисоците од Генералниот секретар на Град Скопје да потпише вработување, па затоа од утре МКЦ ќе има нов в.д. директор, Никола Алексов кој е дипломиран детектив примен пред два дена преку Агенцијата за привремени вработувања.
„Во попладневните часови вчера, постоечкиот в.д. директор на МКЦ, Ванчо Богоев кој е 36 години е дел од институцијата и кој со својот едвај целогодишен мандат продолжи во насока на растење и одржување на програмата на МКЦ, беше сменет од својата позиција поради неподлегнување на екстремните притисоци од Генералниот секретар на Град Скопје да потпише вработување за Арбен Шаќири.
Бидејќи, сега веќе екс директорот на МКЦ не ја потпиша таа одлука, од утре МКЦ има нов в.д. директор, Никола Алексов, дипломиран детектив, кој е примен пред два дена преку Агенција за привремени вработувања во МКЦ без никакво искуство и позадина во културна институција“, истакнаа од Програмскиот колегиум на МКЦ.
Оттаму велат дека имале потреба за разјаснување на ситуацијата која се наметнала поради сомнежот во законитоста на овие решенија бидејќи со ова, се одбегнува повотрно можноста да јавно се спроведе отворен конкурс за директор, на кој отворено и транспарентно би можеле да се пријават сите квалификувани професионалци од областа на културата.