Демократскиот сојуз смета дека идејата за зголемување на парламентарното мнозинство, дополнително ќе го засили незадоволството кај граѓаните, дека ќе се заострат меѓуетничките тензии и сериозно ќе се нарушат уставните принципи за соодветна и правична застапеност на етничките заедници во власта.
„Инаку, и со сегашната композиција на Владата, прекршени се основните решенија од Охридскиот рамковен договор, како и нормите „Бадентер” и „Балансер”, произлезени од истиот.
Доколку сакаме функционални институции, приоритетни услови за раководни функции во власта, мора да бидат стручноста, професионалноста, личниот интегритет и отпорноста од партиски и криминални влијанија“, велат од ДС.
„Партизацијата и етничкиот клуч, ги блокираа и ги криминализираа институциите. Ставот на Демократскиот сојуз е наместо сегашните преговори за приклучување на Алијанса во власта, СДСМ, а особено ДУИ, итно да ги консолидираат внатрепартиските состојби за да се продолжи со реформите, посебно во правосудниот систем и да се отпочне со силна и неселективна борба против корупцијата.
Во скрининг процесот да се вклучат сите креативни потенцијали, а Парламентот континуирано да биде информиран.
Наместо граѓаните и партиите да се делат на поддржувачи и противници на ЕУ и да се најавуваат некакви нови сојузи, да се подвиткаат ракавите и да се работи на конкретни проекти, а не на сеење магла и продавање демагогија.
Незадоволството, загриженоста и разочараноста од вкупните состојби во државата секојдневно се зголемуваат, поради што неопходни се промени, но и јакнење на одговорноста. Граѓаните очекуваат единство и сплотеност, како и заштита на стратешките и националните интереси“, соопшти ДС.