Поранешните членови на Државната изборна комисија, Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска негираа вина во „Титаник 2“ за изборни нерегуларности до 2013 година. Сите во своите завршни зборови посочија дека работеле стручно и непристрасно, додека пак, за обвинителот Гаврил Бубевски посочија дека не докажал надвор од разумно сомневање дека тие навистина го сториле делото. Најдолги излагања на последното рочиште, пред пресуда, имаа Ибраими и Срцев.
„Завршните зборови се само прилагодени, а веќе еднаш се дадени. И во претходното обвинение наведов дека овие дејствија на извршување беа предмет на обвинение и беа елаборирани во завршните зборови. Не сме сториле кривично дело повреда на избирачкото право. Функцијата сум ја вршел одговорно, стручно, непристрасно, принципиелно. Тоа е потврдено во постапкава. Барам судот да донесе ослободителна пресуда“, рече Ибраими.
Говореше и Срцев, кој на судот му рече: „Обвинението се заснова на голо правно мислење“.
„Останувам на предлогот за ослободителна пресуда дадена во 2019 година од причина што таа аргументација може да се однесува и ан денешното изменето обвинение. Не се сомневам дека ќе донесете законита одлука, како што ја донесовте претходната“, кажа адвокатот Димитар Дангов застапник на Срцев.
Во завршните зборови, адвокатот на обвинетиот Влатко Сајковски кажа дека судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани не можат да утврдат вина кај неговиот клиент.
„Убеден сум дека судот може да утврди дека Сајковски не може да се јави како сторител на кривично дело за кое се гони бидејќи донесената одлука од ДКСК каква и да е, не е конечна и не предизвикува повторување на гласање бидејќи таа подлежи на тужба до Управен суд која е конечна. И самата одлука на Управниот суд не предизвикува прегласување туку тоа зависи од друга околност. Да се ослободи од обвинение. Обвинителството не докажа дека обвинетиот го сторил делото“, кажа адвокатот на Сајковски.
Адвокатот на Стефановска бараше да биде ослободена, а таа децидно кажа дека се гордее со тоа како постапила додека била член на ДИК.
„И покрај тоа што со најголема почит настапувам кон обвинителот, тој укажа дека сега сме направиле ново дело, а не истото како она за кое се судевме шест години. Јас сум ваша колешка и добар познавач на правото, сум одлучувала темелно. На мене никој не може да влијае а камо ли некој да ме обвини дека сум се договарала… Не можам да си одговорам за прашањето за што сум обвинета.. Јас немам вина, треба да бидам ослбоодена… Ова е црна дамка без потреба. Јас сум многу исправна и се гордеам со тоа како постапив. Очекувам дека ќе донесете ослободителна пресуда“, кажа Стефановска.
„Титаник 2“ се суди одново бидејќи пресудата беше укината од Аплеација. Претходно, поранешниот член на ДИК, Бедредин Ибраими, доби казна затвор од 4 години и 6 месеци. Поранешните членови на ДИК, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска добија казни од 3 години за незаконското поништување на гласањето на локалните избори во Струмица во 2013 година поради политичко влијание.