Американскиот претседател Џо Бајден прогласи вонредна состојба во Калифорнија, каде од 26. декември досега 19 лица загинаа во невремето што предизвика поплави, прекин на електричната енергија, евакуација и затворање патишта.
Нов голем бран дожд и снег во планините во саботата погоди многу области на најнаселената американска сојузна држава.
Нова „атмосферска река“, што значи систем што носи огромни количества влага, се очекува утре, празник во САД, што ќе донесе „нови екстремни врнежи“, предупреди Националната метеоролошка служба (NWS).
Веќе се оштетени далноводите, а поплавени се ниви и патишта. NWS очекува „катастрофални поплави“ во долината на реката Салинас, важна земјоделска област јужно од заливот Сан Франциско.
Бајден одобри федерална помош за државните и локалните служби за опоравување во областите погодени од зимски бури, поплави, лизгање на земјиштето, се вели во соопштението на Белата куќа. Наредбата на претседателот ќе им обезбеди на жртвите во окрузите Мерсед, Сакраменто и Санта Круз пристап до федералните фондови, се вели во соопштението.
Серија бури, кои ретко се појавуваат толку често по ред, ја погодија Калифорнија од 26. декември, одземајќи најмалку 19 животи и предизвикаа поплави, прекин на електричната енергија, лизгање кал, евакуација и затворање на патиштата.
Речиси 23.000 корисници останаа без струја во саботата, според веб-страницата PowerOutage.us. Половина од просечното годишно количество дожд падна за време на невремето во земјоделската централна рамнина, а до 4,5 метри снег наврна на планините.
Предупредувањата за поплави беа издадени низ целата држава во саботата, од округот Лос Анџелес до областа на заливот Сан Франциско. Населба во Фелтон, централна Калифорнија, во саботата по втор пат се поплави оваа недела.