Американските претставници и разузнавачите се загрижени поради големото проширување на влијанието на руската паравоена група Вагнер во земји надвор од Украина, вклучително и Србија. Според информациите до кои дојде „Политико“, шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин, во декември минатата година испратил членови на оваа платеничка група во Белград, се со цел да се бори против антирускиот наратив.
Податоците што ги објави „Политико“ се резултат на истрагата на американски официјални лица и разузнавачи кои со месеци собираа податоци за операциите на Вагнер надвор од Русија.
Катрина Докси, помошник директор и соработник за транснационални закани на американското разузнавање, наведува дека Србија е избрана од три причини.
„Тие сакаат да имаат влијание во земјите со слабо владеење, постојани безбедносни предизвици и оние кои се збогатени со природни ресурси. Нивната задача е и да договараат безбедносни договори или да ги олеснат идните дипломатски односи со тие земји“, рече Докси.
Зголемено присуство во Србија од декември
Имено, според тврдењата на Политикo, Вагнер во декември позиционирал луѓе во Белград.
„Оттогаш е започната операција за спротивставување на активностите на елементите на руската дијаспора во Србија против режимот на Путин“, се наведува во еден од документите.
Според „Политико“, особено е интересно што Вагнер доаѓа во Србија во време кога продолжуваат да растат тензиите на територијата на Косово.
„Претседателот на Србија Александар Вучиќ неодамна нареди да се зголеми борбената готовност на српската војска. Ситуацијата во Косово се влоши од ноември кога властите објавија дека етничките Срби ќе мора да ги предадат своите регистарски таблички издадени од српските власти. Токму во тој момент Вагнер дојде во Србија“, наведува Политико.