Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески чека мислење од градоначалничката Данела Арсовска за иницијативите за свикување на вонредна седница на која треба да се дискутира за загадувањето во главниот град.
Советничката група на СДСМ во Советот информираше дека поднела иницијатива за свикување вонредна седница за загадувањето во главниот град, но Славески рече дека барањето било некомплетно.
– Вчерашното барање беше некомплетно затоа што немаше потпишано најмалку 15 или една третина од членовите на Советот. Јас ова барање веднаш го препратив до градоначалничката Данела Арсовска да се изјасни за сите иницијативи предложени како точки на дневниот ред. Доколку добиеме мислење, а такво нешто нема се уште, ќе се договориме за одржување на седница – рече Славески.
Иако смета дека не е исполнет овој услов, Славески барањето итно го препратил до градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, со молба за мислење по сите седум иницијативи предложени како точки на дневниот ред.
Славески рече дека сите сакаат граѓаните на Скопје да имаат поквалитетен живот и воздух, но додаде дека голем дел од проблемите со загадувањето на воздухот бараат долгорочен пристап.
– Има и такви мерки, изнесени во барањата, што доколку се преземат, би се намалило загадувањето. Сепак, не би можел да коментирам за барањата да се зголемат средствата во буџетот наменети за заштита на животната средина и она што беше со помош на училиштата за премин кон горива за греење коишто не загадуваат, истакна тој.