Никогаш нема да го заборавам 24 февруари минатата година, кога ние тројца стоевме овде на денот кога Русија ја започна својата брутална инвазија врз Украина. Тоа беше многу силен сигнал за единство и решителност. И со истото единство и одлучност денеска сме повторно тука за заедничка изјава, изјави претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел по потпишувањето на заедничката декларација за соработка меѓу ЕУ и НАТО.
Таа рече дека кога почна руската инвазија врз Украина „очите на светот беа свртени кон источниот фронт на Украина но и кон институциите во Брисел, испитувајќи ја нивната подготовка и реакции“.
– И тој ден, светот виде колку силно бевме обединети и сè уште сме; заедно, во поддршка на украинскиот народ, но и против руската империјална војна. Оттогаш, нашето единство и решителност станаа само посилни, рече Фон Дер Лајен.
Таа потсети дека ЕУ и НАТО беа многу блиски партнери и пред бруталната војна на Русија, и ги тестираа и координираа нивните одговори на кризи преку многу заеднички вежби.
– Ја зголемивме нашата соработка против кибер-напади, за подобра воена мобилност, за борба против дезинформации; или преку решавање на хибридните напади против Летонија, Полска и Литванија организирани од режимот на Лукашенко. Се сеќавам на заедничкото патување во регионот со тебе, Јенс. Поради времето во кое живееме, знаеме дека мораме да го зајакнеме и сега да го продлабочиме ова повеќе од 20-годишно партнерство. Затоа што безбедноста на Европа е доведена во прашање и таа е под закана. Ова се рефлектира и во желбата на Шведска и Финска да се приклучат на НАТО. Со нетрпение очекуваме Шведска и Финска наскоро да станат членки на НАТО. Тоа се рефлектира и во укинувањето од страна на Данска од клаузулата за откажување поврзана со одбраната на ЕУ. Сето ова покажува дека сме свесни за предизвикот, но можеме да се спротивставиме, рече претседателката на Европската комисија.
Според неа, руските закани и предизвици се најнепосредни, но не се единствените. Таа рече дека Кина се повеќе се обидува да го преобликува меѓународниот поредок во нејзина корист што значи дека „ние мора да ја зајакнеме сопствената отпорност“.
– Со оваа нова Заедничка декларација, ние исто така го издигнуваме нашето партнерство на следното ниво. Ќе ја продлабочиме нашата одлична соработка и ќе ја прошириме на нови области, рече Фон Дер Лајен и се осврна на четири точки.
Првата е дека ЕУ и НАТО дополнително ќе ја интензивираат работата на спротивставување на хибридните закани и кибер-заканите, како и на тероризмот. Како второ, двата сојузи ќе ја зајакнат соработката за нарушувачката технологија и вселената. Третиот домен се однесува на претстојните безбедносни импликации на климатската криза.
– Звучи малку подалеку, но ние сме целосно свесни дека со климатската криза и екстремните временски настани, како суши и поплави, сè повеќе гледаме создавање на нестабилност со сите последици како што се сиромаштија, немири, нестабилност на цели региони. Затоа, ова е исто така точка на фокус за нас заедно, нагласи Фон Дер Лајен.
Таа додаде дека четвртата точка е зајакнување на отпорноста на општествата против „малигните странски мешања за манипулирање со информации“ и најважно, отпорноста на критичната инфраструктура против сите видови напади.
– Саботажата на „Северен тек“ покажа дека треба да преземеме поголема одговорност за безбедноста на нашата мрежна инфраструктура. И таму сме свесни дека поединечни земји се одговорни за безбедноста на оваа инфраструктура. И сигурно, нема да споделуваме ранливости. Но, следејќи ги најдобрите практики, искуства, ова е поле каде што можеме да соработуваме поблиску и каде ќе ја интензивираме соработката, рече Фон Дер Лајен.
Таа исто така додаде дека Европската унија ќе продолжи да прави се што е во нејзина моќ за да го поддржи храбриот народ на Украина, ќе го задржи притисокот врз Кремљ онолку долго колку што е потребно, со жесток режим на санкции. Ќе ги прошири санкциите на оние кои воено ја поддржуваат руската војна како Белорусија или Иран. Исто така најави нови санкции против Белорусија, и ќе продолжи значителната хуманитарна, економска и безбедносна помош за Украина сè додека тоа е неопходно.
– И, се разбира, тука е темата за зајакнување на европските одбранбени капацитети како што е наведено во Стратегискиот компас. За тоа, сите знаеме дека сега треба да го зголемиме производствениот капацитет на нашата одбранбена индустрија. И ние треба да го координираме надополнувањето на воената опрема, изјави Фон Дер Лајен.
Извор: МИА