Откако синоќа не успеаја ни во третиот обид да го изберат републиканскиот лидер Кевин Мекарти за претседател на Претставничкиот дом на САД, конзервативците го одложија гласањето.
Изненадувачкиот потег на крајот на првиот ден на новиот состав на Конгресот, покажа дека на Мекарти нема да му биде лесно да се бори за претседателската функција со оглед што има противеа и во сопствената партија.
Од потребните 218 гласови, Мекарти доби само 203 гласа во два круга гласање во Домот кој е под контрола на републиканците – помалку дури и од демократот Хаким Џефрис. Резултатот во третиот круг беше уште полош, кога Макарти загуби 20 гласа, а тензиите се зголемија.
Поради оваа причина, одлучено е членовите на Претставничкиот дом да се сретнат денеска напладне по локално време со цел дотогаш да се разгледаат нови кандидати.
Претставничкиот дом не може да започне со работа без избор на спикер: неговите членови не можат да положат заклетва, не може да се именуваат претседатели на комисиите, не може да се свикуваат состаноци и не може да се покренат истраги за администрацијата на претседателот Џо Бајден, како што планира републиканското мнозинство.
Последен пат Претставничкиот дом не успеа да избере претседател на првото гласање во 1923 година.
Најдолго траела постапката за избор на претседател на Претставничкиот дом во 1856 година, кога пратениците постигнале договор дури по два месеци и 133 круга.