Ковчегот со посмртните останки на Пеле патуваше низ улиците на Сантос кон неговото последно почивалиште, гробиштата „Memorial Necropole Ecumenica“, каде што се одржува погребот на кој присуствуваат само членовите на семејството. Утрово заврши 24-часовното бдеење, по што започна поворката низ улиците на Сантос.
Поворката тргна од стадионот „Урбано Калдеира“, домот на поранешниот клуб на Пеле, Сантос, а неговиот ковчег потоа помина низ улиците на Сантос и покрај домот на неговата 100-годишна мајка Селесте Арантес, која поради здравствената состојба не е свесна за смртта на синот.
Црниот ковчег, кој беше оставен отворен и покриен со превез од тул, откривајќи го само лицето на починатиот, беше затворен во 10 часот по локално време, откако повеќе од 230 илјади луѓе му оддадоа почит на бразилскиот фудбалски мајстор, кој почина на 29 декември по долга битка со болеста.
Меѓу ожалостените беше и бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва. Пеле е неспоредлив, како фудбалер и како човек“, изјави бразилскиот претседател кој на стадионот пристигна со хеликоптер. Тој стоеше околу 30 минути до ковчегот на Пеле обвиен со бразилско знаме во центарот на фудбалското игралиште.
Луѓето формираа долги редици пред стадионот во Сантос, градот во кој Пеле живееше поголемиот дел од својот живот, и чекаа до три часа за да му оддадат почит.
На патеката долга седум километри се собраа илјадници луѓе кои сакаа за последен пат да се простат од можеби најдобриот фудбалер на сите времиња.