Коалиција за правично судење за „Транспортер”: Како Апелација изрече условни казни за дело каде минимум казна е пет години?

Од:

Денеска Апелациониот суд Скопје, на својата веб страна објави јавно соопштение со кое ја информира јавноста дека е донесена второстепена пресуда по предметот „Транспортер“. Во оваа насока, Коалицијата „Сите за правично судење“ со загрижување истакнува дека повторно се среќава изрекување на невообичаено висок број на алтернативни мерки- условна осуда за кривични дела поврзани со организиран криминал и корупција, особено во случаи каде како обвинети се јавуваат политички експонирани лица.

Во продолжеие целосната реакција од Коалицијата „Сите за правично судење“.

Воедно, сакаме да потенцираме дека иако во самото соопштение е наведено дека второстепената пресуда е јавно објавена и достапна на веб страницата на судот, сепак истата не е јавно објавена, па така Коалицијата немаше можност во целост да се запознае со причините за изрекувањето на вака ниски казни. Потсетуваме дека во овој случај, согласно и соопштението на Апелациониот суд, условните осуди се изречени за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353, став 5 од Кривичниот законик, за кое дело е предвидена минимална казна од 5 години затвор. Согласно членот 41, став 1, точка 3 од Кривичниот законик, за кривичното дело за кое како најмала мера на казна е пропишан затвор во траење од пет години, казната може да се ублажи до три години затвор, во случаите кога постојат особено олеснувачки околности кои укажуваат дека и со ублажената казна може да се постигне целта на казнувањето, кои околности судот е должен да ги образложи.

Во секој случај, согласно КЗ минималната казна која може да биде изречена доколку постојат вакви околности, за ова конкретно кривично дело е 3 години затвор. Согласно членот 50 од Кривичниот законик, еден од условите за изрекување на условна осуда е на сторителот да му е утврдена казна затвор во траење до 2 години, независно дали до оваа казна се доаѓа пред или по ублажување на истата
согласно членовите 40 и 41 од КЗ.

Имајќи го сѐ ова предвид, останува нејасно како судот и со првостепената, а потоа и со второстепената пресуда во овој предмет, успеал да изрече алтернативна мерка- условна осуда, со оглед на фактот што кривичното дело што им се става на товар на обвинетите е злоупотреба на службената положба и овластување при вршење јавни набавки или на штета на средствата од буџетот на Република Северна Македонија, за кое како што беше напоменато е предвидена казна затвор од најмалку 5 години.

Дополнително, она што се надоврзува на практиката на судовите за изрекување на условни осуди и алтернативни мерки за случаите на висока корупција е тоа што во новиот предлог Кривичен законик, иако се зголемени казните за речиси сите кривични дела, сепак казните за делата поврзани со злоупотреба на службената положба и останатите видови на корупција не се зголемени. Во ваква ситуација се добива впечаток дека ниту еден од трите столбови на државната власт не ја сфаќа неказнивоста на високата корупција како посебен загрижувачки проблем.

Поради ова, Коалицијата ја истакнува својата загриженост за изрекувањето на невообичаено ниски казни во предмети поврзани со висока корупција, со оглед дека се работи пред сѐ за злоупотреба на државни средства, а со тоа и кумулативните проблеми кои се предизвикуваат како резултат на корупцијата. Така, казнената политика во случаите поврзани со корупција, особено кога таа е причинета од високи функционери на државната или локалната власт, освен репресивно треба да делува и на превентивен план во борбата против организираниот криминал и корупцијата, во насока да се остварат целите на казнената политика, во смисла на специјалната и генералната превенција. Судовите мора да имаат предвид дека начинот на кој постапуваат во ваквиот вид на високо-профилирани предмети од областа на организиран криминал и корупција има особено влијание врз перцепцијата на граѓаните за посветеноста и успешноста во сузбивањето на корупцијата. Во овој контекст, неопходно е да се напомене дека тоа што судскиот процес траеше 5 години, а сепак истиот заврши со голем број на изречени алтернативни мерки, поради што се остава негативен впечаток во јавноста за непотребно долго траење на судските процеси, што неминовно влијае на и онака нискиот процент на доверба на граѓаните во судството.

Би можело да ве интересира

Апелација ја укина пресудата и го врати на повторно судење предметот против Мухамед Зеќири

Мијалков излегува порано од затвор, Апелација го врати предметот „Империја“ на повторно судење

A1on

Судски совет утре ќе одлучува да за враќање на Шабани во Кривичен суд до завршување на „Талир“ и „Титаник“

А1он

Судијката Ристеска се враќа во Кривичен суд до објавување на пресудата за Ласкарци

Александар Тодески

Судски совет ќе ја враќа судијката Ристеска во Кривичен суд за да го спаси предметот Ласкарци

Александар Тодески

Пендаровски: Судовите добро да ја проучат пресудата од Стразбур за Јанакиески, потребни се реформи

Александар Тодески