Кинеската армија последните 24 часа испратила 71 авион и седум бродови во непосредна близина на Тајван, соопшти тајванското Министерство за одбрана.
Помеѓу 06:00 часот вчера и 06:00 часот денеска, 47 кинески авиони ја преминале таканаречената средна линија – неофицијалната граница во Тајванскиот теснец прифатена од двете страни, и влегле во тајванската зона за воздушна одбрана.
Тајпеј прецизираше дека за време на прелетите кинеските авиони биле следени од противвоздушните ракетни системи на тајванската противвиздушна одбрана. Тајвански борбени авиони исто така биле подигнати, како предупредување.
Централната новинска агенција на Тајван истакна дека тоа е досега најголем упад на авиони на кинеското воено воздухопловство во одбранбената зона на Тајван, но оти инцидентот не предизвикал загриженост на островот.
Активностите на кинеската армија се во рамки на тековните маневри околу островот, кој Кина го смета за своја територија.
Пекинг вчера соопшти дека извршил воени вежби во водите и воздушниот простор околу Тајван како одговор на, како што рече кинеската војска, провокација од страна на тајванските власти и на САД.
Извор: МИА