Пентагон ја разгледува можноста за обука на украинската војска за употреба на противвоздушни системи Патриот во американска воена база, соопштија двајца претставници на американското Министерство за одбрана.
Американскиот воен врв во моментов разговара дали обуката на војниците целосно да се спроведува на територијата на Соединетите држави или да се спроведе во трета земја, односно во некои од американските воени бази во Европа, изјавија официјални лица, говорејќи на услов за анонимност, пренесува американскиот весник Политико.
Од инвазијата на Русија во февруари, украинските вооружени сили завршија обука за управување со низа различни системи за оружје обезбедени од НАТО, вклучително и високоподвижниот артилериски ракетен систем HIMARS од САД, во Источна Европа и Германија, без обука спроведена во САД.
Иако не е донесена конечна одлука, веста дека Министерството за одбрана размислува да ја спроведе обуката во САД доаѓа еден ден откако администрацијата на Бајден објави дека ќе обезбеди батерии од системи за противвоздушна одбрана Патриот за да и помогне на Украина во борбата против Русија.
Киев го бараше „Патриот“ со месеци, но едно нешто што ја попречува одлуката на САД беше сложеноста на системот и долгиот процес на обука потребен за негово функционирање.
Се очекува да бидат потребни неколку месеци за Украинците да бидат обучени да управуваат со Патриот, кој вообичаено опслужува тим од околу 90 војници, соопшти Пентагон.