Амбасадорот на Русија во Белград, Александар Боцан Харченко, истакна дека во Србија постои теза дека неговата земја ја искористила „суверенизацијата“ на Косово и посочи дека Москва нема потреба да се крие зад „косовскиот преседан“, јави дописникот на МИА од Белград.
– Целта, сигурен сум, е единствена – да се внесе раздор во нашите односи со Србија. Но, нашиот пристап е фер и отворен. Не ни треба да се криеме зад „преседанот“, рече Боцан-Харченко во авторскиот текст во Политика.
Според него, ако се прочитаат изјавите на претседателот на Русија Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, се разбира дека државниот врв „пред сè ја става заштитата на националните интереси на Русија, обезбедувајќи ја безбедноста на татковина и строго го следи меѓународното право во своите постапки“.
Боцан Харченко додаде дека во контекст на решавањето на косовското прашање тргнуваат од истата премиса и истакна дека позицијата на Русија е непроменлива, односно дека треба да се бара правично решение во дијалогот меѓу Белград и Приштина, во меѓународни рамки дефинирани во Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.
– Косовскиот преседан, заразен пример на самопрогласената „независност“, секако е факт. Се сеќавам дека по решавањето на косовското прашање, нашите поранешни западни партнери, пред сè САД, побараа колективно да се утврди, и покрај логиката на реалниот живот, дека Косово е „уникатен случај“ а во духот на нивниот корумпиран концепт на „поредок, заснован на правила“. На правилата кои произволно ги одредува Западот, оцени рускиот амбасадор во Србија.
Извор: МИА