Министерството за надворешни работи на Северна Кореја го демантираше медиумскиот напис според кој земјата и понудила муниција на Русија, велејќи дека меѓу нив „никогаш не се случила трансакција со оружје“, објави севернокорејската новинска агенција КЦНА.
„Лажниот извештај на јапонските медиуми дека Демократската Народна Република Кореја и понудила муниција на Русија е најапсурдното одвлекување на вниманието, кое не е достојно за никаков коментар или толкување“, рече портпаролот на Министерството во изјавата што ја пренесе новинската агенција КЦНА.
Белата куќа претходно објави дека руската приватна воена група „Вагнер“ купила противпешадиски ракети и проектили од Северна Кореја за силите кои се борат во Украина.
Шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин подоцна во четвртокот ги отфрли наводите на Соединетите држави како „озборувања и шпекулации“.
Северна Кореја соопшти во ноември, откако Белата куќа објави дека Пјонгјанг тајно и доставува на Русија „значителен“ број артилериски гранати, дека никогаш немала договор за оружје со Русија и нема намера да има договор.