Обезбедување услови за откуп на домашната пченица, нејзино валоризирање согласно квалитетот, стабилизирање на пазарот со брашно и заштита на домашните производители беа клучните причини поради кои се донесе мерката за условен увоз, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.
Мерката, напомена Димовски, не беше насочена кон само една земја производител на пченица, туку кон сите држави производители на жито и воедно членки на ЦЕФТА.
– Изминатите два месеца успеавме да ги исполниме условите поради кои мерката беше донесена и врз основа на тоа одлучивме да ја укинеме, рече министерот, одговорајќи на новинарско прашање по средбата со босанскиот министер за надворешна трговија и економски односи Мирко Шаровиќ.
Македонија увезе 250.000 тони пченица, од лани имаше 140.000 тони домашно жито и уште толку произведени се годинава. Тоа, како што посочи министерот Димовски, е огромна количина за толку мал пазар и токму од тие причини беше воведена заштитната мерка.
Министерот информира дека досега се откупени преку 94 отсто од годинашната пченица по просечна цена од 11 до 12 денари за килограм. За прва класа откупувачите плаќале и по 15 денари.
– За жал, годинашната реколта бележи пораст во производството по единица површина, но квалитетот на родот е послаб. Сепак, просечната цена е повисока во однос на онаа во земјите традиционални производители на жито каде што достигна околу 9 денари за килограм, истакна министерот Димовски.