Два дена траеше бегството на 29-годишниот велешанец Ангелчо, кој ја прегази и усмрти 11-годишната Магдалена во саботата, дознава „А1он“. Полицијата успеала да го лоцира и уапси. Сега, ќе биде сослушан за настанот, за потоа, по барање на обвинител да биде изведен пред суд. Судиите од Велес ќе треба да одлучат дали ќе му одредат мерка за обезбедување на присуство, а со оглед дека беше недостапен за органите на прогонот.
Според извори на „А1он“, возачот Ангелчо Н. не бил сам во автомобилот марка „мерцедес“, со кој ја прегази Магдалена. Со него биле уште неколку лица. Наместо да застане, по несреќата, продолжил со возење. Прво ги симнал сопатниците од автомобилот, па го оставил возилото, по што решил да се крие.
Во несреќата, тешко повредена е и мајката на загинатото девојче. 43-годишната жена која се движела заедно со нејзината ќерка, имала отворена рана на главата и скршеница во потколеницата. Таткото, кој според неофицијални информации, се движел пред нив, исто така се јавил на болничко лекување.
Според првичните сознанија, до несреќата дошло кога Ангелчо, возач на „мерцедесот“, го управувал мерцедесот со голема брзина. На пешачкиот премин удрил мајката и ќерката кои се наоѓале на крајот од преминот за да се качат на тротоар.
Од ударот, загинатата Магдалена била исфрлена од автомобилот значително нанапред, соопштија и од велешкото обвинителство. Возачот Ангелчо, не застанал, туку веднаш избегал од местото, исто така, продолжувајќи да вози брзо.