Градскиот трговски центар добил предупредувачко исклучување на струјата и ветил дека долгот кон ЕВН ќе го плати, па повторно бил вклучен на мрежата. „Железници“ пак, влечат струја директно од енергетскиот систем и прават дисбаланс во системот на МЕПСО. Ова се последните состојби во овие два правни субјекти кои се во државна сопственост. ЕВН го губи трпението и смета дека исклучувањето на струјата е морално за да го наплатат долгот.
„МЖ Транспорт е повторно приклучен, меѓутоа рокот за снабдување преку ЕВН Хоме како краен снабдувач е изминат. Токму затоа, МЖ Транспорт во моментот нема снабдувач за електрична енергија и директно повлекува електрична енергија од енергетскиот систем, а со тоа предизвикува дисбаланс во системот на МЕПСО“, велат од ЕВН за „А1он“.
Без конкретен датум, од ЕВН велат дека постигнале договор со ГТЦ за и од нив да си ги наплатат побарувањата, чиј рок за плаќање е истечен одамна. Попладнево дуќанџиите кои редовно плаќаат сметки од трговскиот центар, на кратко, останаа без струја.
„ГТЦ беше исклучен поради доспеан долг, меѓутоа истиот е повторно приклучен по постигнат договор дека долгот ќе биде подмирен“, додаваат од ЕВН за „А1он“.
Без струја можат да останат и затворот во Идризово, Клинички Центар и други значајни институции. Премиерот Димитар Ковачевски кажа дека Владата обезбедува пари за да ги подмири неплатените долгови на институциите.