Поранешната потпретседателка на Европскиот парламент Ева Каили, обвинета во Белгија за корупција, ќе остане во затвор најмалку до 22 декември, објавија денеска белгиските медиуми.
Причината за тоа е денешниот штрајк во затворот во кој е сместена Каили, така што не и е обезбеден превоз до Судот што требаше да и изрече мерка притвор.
Останатите обвинети во случајот се појавија пред Судот и нивните одлуки се очекува да бидат соопштени во текот на денот.
Европските медиуми синоќа објавија дека Каили е преместена од затворот „Сен Жил“ во Брисел изграден пред речиси 140 години, во новоизградениот затвор во Харен каде условите се далеку подобри. Трансферот на затворениците од двата стари затвора во белгиската престолнина во новиот објект започна пред неколку дена и Каили е меѓу првите кои се префрлени во подобри затворски услови.
Белгиските медиуми прецизираат дека во текот на истрагата за корупција и лобирање во корист на Катар биле откриени повеќе од 1,5 милиони евра во кеш. Некои од сноповите евра пронајдени во домот на Каили и во куферот на нејзиниот татко биле повлечени од банка во Белгија. Се очекува тие индиции да придонесат за забрзување на истрагата оттаму што ќе помогнат во утврдувањето кој ги повлекол средствата и од која сметка.
Европарламентот претходно оваа недела ја суспендираше Каили од функцијата. Претседателката на ЕП, Роберта Мецола, по случајот истакна дека Европа не е на продажба и се заложи виновните во целост да одговараат за своите постапки.
Извор: МИА