По денешното заминување од болница на 60 – годишниот пациент кај кого првпат кај нас беше направена трансплантација на црн дроб од починат донор, Маја Мојсова-Мијовска, национална координаторка за трансплантација на органи и ткива, извести дека листата на пациенти кои чекаат црн дроб е поголема. Таа очекува денешната успешна приказна да ја крене довербата на пациентите во системот, во успешноста на ваков вид зафати но и да ја крене свеста за органодарителството.
„Нема ништо посреќно за нас кога ќе видиме дека пациентот си оди дома и кога знаеме дека е успешно завршена работата. Но за се ова да биде завршено постојат дарители. Јас сакам да се заблагодарам на сите семејства што дарувале органи за да можеме и ние да спасиме живот, да трансплантираме органи и тие пациенти, како денешниот, да си отидат дома. За црн дроб имаме околу 15 пациенти и уште двајца кои се на процесирање, треба да се испитаат“, рече Мојсова – Мијовска.
Таа објасни дека за еден пациент да се најде на листа за чекање орган, не е едноставно. Проверките ги прават гастроентерохепатолозите, многумина исполнуваат услови да се најдат на листа, но за да бидат ставени и сами треба да дадат согласност за трансплантација.
„Во суштина има пациенти за на листа, но, знаете, треба да има и согласност, да сакаат да се трансплантираат. Секако не можеме да ја минимизираме храброста на еден пациент кој што првпат легна на операционен стол и за првпат да му се случи трансплантација на црн дроб. Оваа успешна приказна ќе остави доверба во системот и доверба во екипите дека ваквите трансплантации ќе вродат со успех“, рече Мојсова – Мијовска.
Хирургот Светозар Антовиќ, кој беше дел од тимот за повата трансплантација на црн дроб најави дека Клиниката за дигестивна хирургија за многу кусо време ќе биде спремна да направи и трансплантација од жив донор, но смета дека во моментов акцентот треба да се стави на кревање на свеста за органодарителството и трансплантациите со органи од починати дарители оти даваат најдобри резултати кај пациентите.
Министерот за здравство Беким Сали денес извести дека трансплантацијата на црн дроб е шестата трансплантацаија од починат донор од почетокот на годината и прва на црн дроб во историјата на македонското здравство. Заедничката и тимска работа на преку 100 лекари, медицински сестри и админстративен персонал, министерот Сали рече дека резултира, годинава,во трансплантирање 10 бубрега од починат донор, 2 срца кај тешки пациенти и 10 пресадувања на коскени ткива. Последниве две години пресадени се вкупно 8 срца, 30 бубрези, 20 коскени ткива и еден црн дроб.