Црногорското Министерство за образование одлучи до крајот на неделата наставата во сите средни и основни училишта во таа земја да се одвива преку интернет, откако два дена по ред беа евакуирани сите образовни институции поради лажни дојави за поставени бомби.
Како што е соопштено, ваквата одлука е донесена по препорака на Црногорската полициска управа, а за учениците е обезбеден континуитет на настава.
„Црногорското Министерство за образование во соработка со Полициската управа навремено ќе ја информира јавноста за сите понатамошни активности и препораки. Исто така апелираме до сите граѓани да останат смирени и присебни и да ги почитуваат упатствата на Министерството и Полициската управа со цел заеднички да придонесеме за стабилност во новосоздадената состојба“, се вели во соопштението.
Вчера и денеска на интернет адресите на основните и средните училишта пристигнаа заканувачки пораки дека се поставени бомби, по што наставата е прекината, а учениците се евакуирани.
Дојавите дојдоа од е-поштата Ричард Рамирез, а авторот се претстави како Владислав Поздњаков од руската екстремистичка група „Машка држава“.