Премиерот Димитар Ковачевски заедно со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска денеска одржаа прес-конференција по повод предлог-буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2023 година.
„Буџетот за 2023 година на МТСП изнесува 858,3 милиони евра. Оваа година се соочивме со голем број предизвици и на економски и на енергетски план, но граѓаните се уверија дека јас и министрите во Владата, носевме навремени одлуки и реагиравме како би се намалиле кризните предизвици и за граѓаните и за стопанството. Обезбедивме стабилност во есенскиот и зимскиот период. Во ниту еден момент, ниту една категорија граѓани не беше оставена настрана, туку напротив, високо на листата приоритети ни беа и остануваат, материјалните права на ранливите категории граѓани, самохраните родители, социјалните случаи, лицата со инвалидитет, пензионерите и останатите групи граѓани. Со буџетот на МТСП за 2023 година, обезбедуваме достапност на социјалните услуги, но и зголемувањето на материјалните права на пензионерите и граѓаните кои се дел од системот за социјална заштита“, рече премиерот Ковачевски.
„Се залагам за креирање на системски решенија кои даваат резултати на долг рок. Тоа беше и појдовната точка кога ја правевме и новата методологија за усогласување на пензиите, со што обезбедивме континуиран раст на пензиите, кој што нема да зависи од ничија политичка волја или одлука. Така продолжуваме и во 2023 година, пензиите ќе бидат повторно зголемени во март 2023 година“, кажа Ковачевски.
„Обезбедивме средства за редовна исплата на правата од социјална и детска заштита и дополнителна финансиска поддршка. Владата од почетокот на пандемијата креираше неколку пакети антикризни мерки, со кои ги поддржавме ранливите категории на граѓани, како млади-студенти и средношколци, невработени лица и лица со минимална плата. Со новиот пакет антикризни мерки, опфаќаме граѓани кои се најранливи“, рече премиерот.
„Покрај правата од социјална заштита, ги зајакнуваме социјалните услуги за граѓаните на кои помошта им е неопходна. Во Буџетот за 2023 година, издвоивме три пати повеќе средства за услугите: помош и нега во домот, лична асистенција, живеење со поддршка, згрижување, лица со попреченост, стари лица, бездомни лица. И во 2023 година, не запираме во инвестиции во детската заштита“, додаде тој.