Американската амбасадорка во Тирана, Јури Ким на вечерашната средба со премиерот Еди Рама ги разгледале “достигнувањата во односите меѓу САД и Албанија во текот на 2022 година”.
„Амбасадорката Ким и премиерот Рама потврдија дека, додека ја заокружуваме годината на одбележување на 100 години од првичното воспоставување на односите меѓу САД и Албанија, нашето партнерство е посилно од кога било“, се наведува во соопштението на амбасадата.
Во фокусот на дискусијата биле и начините за продолжување на зајакнувањето на билатералната соработка на полето на демократијата, одбраната и бизнисот во текот на 2023 година.
Амбасадорката Ким ја изразила благодарноста на Соединетите Држави за лидерството и важните придонеси на Албанија во текот на првата година од двегодишното претседавање на Албанија со Советот за безбедност на Обединетите нации.
„Таа го препозна придонесот на Албанија за регионалната интеграција и стабилност, вклучително и за време на апелот на Албанија за воздржаност во северно Косово. Во меѓувреме, Соединетите Држави ги осудија сите напади врз косовските и меѓународните безбедносни агенции, како и заканите со насилство и заплашување и изразија целосна поддршка за КФОР и ЕУЛЕКС“, се додава во соопштението од американската амбасада.
Амбасадорката Ким е на крај на нејзиниот тригодишен мандат што го почна во јануари 2020 година.
Според медиумите кои се повикуваат на дипломатски извори нејзин наследник најверојатно ќе биде Дејвид Костеланик.
Извор: МИА