Поранешниот полицаец од Минеаполис, Александар Куенг, кој клекна на грбот на Џорџ Флојд е осуден на три и пол години затвор за соучество во убиство од небрежност.
Куенг, кој веќе одлежува казна за кршење на граѓанските права на Флојд во затворот со слаба безбедност во Охајо, се појави преку видео врска на сослушувањето во судницата во Минесота, но одби да коментира, објави Фокс њуз.
Помошникот државен обвинител Метју Френк во петокот рече дека Флојд бил „жртва на кривично дело“, додавајќи дека Куенг, кој се заколнал дека ќе ги заштити животите на луѓето како полицаец, ја прекршил својата заклетва на денот на смртта на Флојд.
Куенг се изјасни за виновен на 23 октомври за помагање и поттикнување убиство од втор степен.
Афроамериканецот Џорџ Флојд почина на 25 мај 2020 година, додека беше приведен под сомнение за фалсификување банкноти. Целата акција ја снимила тинејџерка која видеото го објавила на Фејсбук. Видеото го обиколи светот, предизвикувајќи сериозни антирасистички протести во САД и ширум светот.