Турскиот министер за правда Бекир Боздаг денеска ѝ порача на Шведска дека минатонеделната екстрадиција на Курд осомничен за тероризам е „добар почеток“, но дека Стокхолм ќе мора да направи многу повеќе пред Анкара да го одобри членството на Шведска во НАТО.
Инаку, во петокот Шведска го депортираше турскиот државјанин Махмут Тата, кој во 2015 година побарал азил во Шведска. Тул беше осуден на 6 години и 10 месеци затвор во Турција за негова наводна поврзаност со забранетата Курдска работничка партија (ПКК).
– Ова е добар почеток за Шведска, што ја покажува нивната искреност и добра волја. Се надеваме дека ќе следат нови (екстрадиции) во согласност со оваа искреност, рече Боздаг во телевизиско интервју за државната телевизија ТРТ Хабер.
Сепак, тој не криеше дека Турција очекува дополнителни чекори од Стокхолм пред да го ратификува членството на Шведска. – Според трилатералниот меморандум со Шведска и Финска, тие две земји треба да ги укинат сите ембарга (на оружје) за Турција, да променат своетозаконодавство за борба против тероризам и да ги екстрадираат сите терористи по кои Турција трага. – Сите овие услови не треба да се сведуваат на екстрадиции, додаде турскиот министер.
Шведска и Финска во мај поднесоа барање за членство во НАТО како одговор на руската инвазија на Украина, но беа дочекани со приговори од Турција. Анкара ги обвини двете нордиски земји дека даваат засолниште на милитанти од ПКК и други групи, а Стокхолм и Хелсинки ја негираа вистинитоста на таквите обвинувања.
И покрај ова, двете земји ветија дека ќе го укинат ембаргото за оружје и ќе воспостават соработка со Анкара за целосно решавање на безбедносните грижи на Турција. НАТО своите одлуки ги носи со консензус, што значи дека Шведска и Финска мора да добијат одобрение од сите 30 земји-членки на Алијансата. Турција и Унгарија се единствените членки кои се уште не го одобриле приемот на двете нордиски земји во Алијансата. Будимпешта најави дека во февруари унгарскиот Парлманет ќе го одобри влезот, додека Турција бара исполнување на уловите пред да одобри членство.
Извор: МИА