После една деценија откако општината го реновираше, пуштен е во употреба единствениот јавен тоалет во Велес.
Јавното ве-це се наоѓа во близина на најпознатото велешко обележје Градски саат и пешачкото Мало мовче каде што фрекфенцијата на граѓани е голема во текот на целиот ден.
Јавното комунално претпријатие Дервен се грижи за хигиената на јавниот тоалет со двајца вработени, а услугата е бесплатна.
– Моето работно место е во близина и во дуќанот немам санитарен јазол, па често го користам јавниот тоалет. Колку и да се грижат работниците за хигиената, на тоалетот му треба реновирање затоа што не работеше долги години. Но, бесплатно е, па никој не му замерува на Градот што повторно го отвори за употреба – рече за „А1он“ граѓанин кој има дуќан во близина на Градската саат кула.
Објективот на „А1он“ покажа дека тоалетот не е воопшто функционален. Женското ве-це кое е одбележано со стрелки исцртани со маркер на ѕидните плочки, е темно, сијалиците се прегорени, а недостасуваат огледало, сапун и тоалетна хартија.
– Тоалетот е изграден одамна, но се пушти дури сега. Го одржуваме двајца колеги, од 7 до 19 часот и работиме и на празник и на делник. Не се наплаќа услугата, не ни рекле така шефовите, а ако речат ќе наплаќаме – рече еден од двајцата вработени што ги затекнавме во тоалетот.
Од Јавното комунално претпријатие не одговорија зошто тоалетот бил реновиран и се чекало да се пушти после десетина години со што се оштетиле плочките и санитаријата, како и на прашањето зошто е затворен после 19 часот.
„ ЈКП Дервен согласно Програмата за јавна чистота на Општина Велес доби налог за одржување на хигиената на овој јавен тоалет. За одржување на хигиената на јавниот тоалет има вработени од комуналното претпријатие, и истиот е отворен, односно се одржува од 7.00 до 19.00 часот, согласно налогот од Општина Велес. За сите останати прашања Ве молиме да се обратите до Општина Велес“, рекоа за „А1он“ од ЈКП Дервен.
Хигиеничарот на ЈКП Дервен рече дека тоалетот бил отворен, па веднаш затворен по реновирањето пред десетина години затоа што му смрдело на некој од станарите.
– Ми кажаа граѓаните што доаѓаат тука дека не му било дозволено да се отвори тоалетот затоа што се ширела реа и му смрдело на некој од станарите во зградата над градското ве-це. Сите ми го кажуваат тоа. Се жалеле луѓето од зградата дека ќе им мирисало. Две недели сум тука, никој не ми се пожалил на такво нешто – рече тој.
Неофицијално, на непријатниот мирис се жалел бивш политичар, истакнат член на СДСМ и поранешен директор на јавно претпријатие. Поради него, велешани со години биле ускратени од користење на единствениот јавен тоалет во град од 50.000 жители.
„А1он“ се обрати и до Општина Велес, но оттаму се уште нема одговор.