„Правораздавачите“ се имуни на лелеците и солзите на родителите, кои по нечија туѓа вина го изгубиле својот млад син. Ова е ставот на Бојан Петровски, брат на пешакот Оливер кој беше прегазен во Битола, а каде возачот доби 18-месеци затвор. Тој и семејството останаа на ставот дека пресудата е срамна, а уште посрамно е тоа што сега е потврдена и од Апелација. Братот на усмртениот Бојан, во реакцијата посочува и: „Која е причината за нивното вакво постапување не можам со сигурност да знам, но најверојатно е корупција, прилично сум убеден во тоа“.
„Само, не ми е јасно како не мислат на сопствените деца, како нивниот родителски инстинкт не проработува во вакви случаи, како не помислуваат дека со продолжувањето на неказнивоста на несовесните возачи, ги ставаат во опасност сопствените деца, кои утре можат да завршат како мојот брат Оливер (иако никому тоа не му го посакувам)… На ‘судиите’ и неколкуте проценти доверба кои ги имаат им се многу. Судовите се полни со лица како син му на Талат и како оној обвинителот за организиран криминал, кои од почетокот на кариерата започнуваат со скандали, неправди и незаконитости (а треба да спроведуваат правда). И тие исти лица се авторитет, имаат моќ да му наштетат на обичниот чесен човек, да го унаказат, да го пратат во затвор, а криминалците да ги ослободуваат. И го прават тоа, и никој не ги санкционира. Иако се изморив од барање на механизми за да влијаам да се донеси поправедна пресуда, ништо не се промени, што е доволен доказ зошто институциите на системот овде се во колапс, и целата ‘држава’ е пред крах“, вели Оливер Петровски, брат на загинатиот.
Тој додава дека иако неговиот брат немал вина, судиите Љиљана Чочковска, Зоран Караџовски и Александар Камбовски, идентично како нивната колешка од Основниот суд, постапиле тотално пристрасно, и половина од вината ја префрлиле кај неговиот покоен брат, а го наградиле оној кој му го одзеде животот.
„Правда на светов нема, ама мислете му ја како ќе излезете пред Бога, вие кои сте назначени да спроведувате правда, а спроведувате криминал, бидејќи сите еден ден ќе го напуштиме овој привремен свет, и веќе нема да можиме да ги трошиме нечесно стекнатите пари“, додава Петровски.
И битолска Апелација смета дека се доволни година и половина затвор како санкција за возачот што го прегази битолчанецот Оливер Петровски, а кој загина како последица на сообраќајката. За семејството првостепената пресуда беше срамна, но не и за второстепените судии. Тие сметаат дека нема зошто да се изрече построга казна за возачот. 25-годишниот битолчанец кој управувал електричен тротинет беше прегазен во јули 2020 година додека одел на работа, каде никогаш не стигна.