Американскиот милијардер Илон Маск изјави дека очекува клиничките испитувања на безжичниот мозочен чип развиен од неговата компанија Neuralink да започнат кај луѓето во рок од шест месеци, откако претходно беа пропуштени роковите.
Neuralink развива мозочни чипови кои се дизајнирани да им овозможат на луѓето со парализа да ги вратат моторните функции и да лекуваат мозочни заболувања како што се Паркинсонова, Алцхајмерова болест или деменција.
Компанијата спроведе тестови на животни во последниве години додека чекаше одобрение за тестирање на луѓе од американската Администрација за храна и лекови (ФДА).
„ Сакаме да бидеме крајно внимателни и да се увериме дека ќе работи добро пред да го вметнеме уредот во човек, но мислам дека го доставивме најголемиот дел од нашата документација до ФДА и веројатно за околу шест месеци треба да добиеме дозвола да го тестираме чипот врз луѓето – рече Маск за време на обраќањата на презентацијата во седиштето на Neuralink, која траеше речиси три часа.