Младиот руски брачен пар лекари Марија и Борис Шевчук, кои одбија да потпишат петиција и да учествуваат на демонстрациите за поддршка на рускиот претседател Владимир Путин и војната во Украина, беа принудени да бараат подобар живот надвор од Русија. Тие решија, како и илјадници други Руси, да побегнат во Соединетите Американски Држави, преминувајќи ја нејзината јужна граница и да побараат азил. Меѓутоа, наместо азил, ги чекаше имигрантскиот затвор.
Кога брачната двојка Шевчук успеа да стигне до Мексико во средината на април, а потоа и до влезното пристаниште во САД, тие очекуваа да бидат пречекани со „вкус на вистинска слобода“. Ги предадоа пасошите, а наместо азил, на рацете го почувствуваа студениот допир на лисиците. Тие беа однесени во оддалечен центар за имиграција во рурална Луизијана. Таму беа разделени, а по шест тешки месеци во притвор, сопружниците се повторно заедно, пишува Њујорк Тајмс.
„Мислев дека кога ја напуштив Русија, нашите страдања ќе завршат“, рече Шевчук (28) во интервјуто од Центарот за имиграција во Пајн прери, Луизијана. Тој призна дека се чувствува безнадежно.
Според достапните податоци од САД, во 2022 година пристигнале 21.763 Руси и нивните случаи биле процесуирани на јужната граница на САД, што е драматичен скок во споредба со 2020 година и бројот од 467 Руси. Во октомври само 3.879 од нив дошле со намера да бараат азил.
Секој кој ќе пристигне на американско тло има право да побара азил, потсетува Њујорк Тајмс. Сепак, азил може да добијат само оние кои ќе докажат дека се прогонувани во нивната земја врз основа на раса, вера, националност, политичка припадност или членство во одредени општествени групи. Многу баратели на азил се ослободени и им е дозволено да го претстават својот случај на суд. Но, илјадници од нив се сместени во притворни центри, каде што е тешко да се обезбеди адвокат и да се соберат докази, па шансите да добијат азил се минимални.
Службата за имиграција и царина на САД не објави статистички податоци за националноста на приведените мигранти, но адвокатите кои редовно работат со мигрантите рекоа дека скокот на руските баратели на азил кои се приведени е значителен.
Случајот со докторската двојка не е изолиран. Многумина доаѓаат со очекување дека ќе бидат пречекани во САД, бидејќи како Америка се борат за демократија во Русија и Украина. Сепак, тие брзо се разочаруваат. Олга Никитина е уште една Русинка која побегнала од Русија со својот сопруг и била притворена пет месеци како Шевчуците.
Многу баратели на азил тврдат дека нивниот престој бил на милост и немилост на чуварите, кои биле или рамнодушни, па дури и непријателски настроени.
За време на еден од трансферите на Борис Шевчук, чуварот му ставил лисици на рацете и го соборил на земја, при што му нанел повреда на главата додека паднал на бетонот, а носот му искрварил.
„Сфатив дека заминав од Русија во место како Русија“, рече Шевчук, кој по штрајкот со глад и поплаките до народниот правобранител, групите за човекови права и Високиот комесаријат на ОН за бегалци успеаја да ја намалат сумата на која треба да платат, беше ослободен од притворот. По разни подеми и падови, тој успеа повторно да се соедини со сопругата.