Бројот на загинати во свлечиштето што започна на италијанскиот остров Искија на југот на земјата се искачи на седум лица. Десет лица се водат како исчезнати, а стотици се евакуирани од своите домови, објавија денеска локалните власти, пренесува Анадолија.
По вонредната седница на италијанската Влада одржана утринава, премиерот Џорџа Мелони прогласи вонредна состојба на островот поради „вонредни поплави и лизгање на земјиштето“.
Владата обезбеди два милиони евра помош за локалното население, се наведува во соопштението.
Спасувачките операции се уште се во тек во областа Казамичиола Терме, но тешките временски услови ја отежнаа потрагата, објави италијанската Цивилна заштита.
Денеска спасувачките екипи пронајдоа шест тела, меѓу кои и една млада девојка.
Спасувачите уште еден ден ги пребаруваат калта и урнатините, обидувајќи се да ги пронајдат луѓето кои се исчезнати.
Огромен одрон го погоди популарниот остров пред зори во саботата, по обилните врнежи.