Адвокатот Миланов: Андреј прифаќа вина и се кае, но не за убиство

Од:

Обвинетиот Андреј Костовски не задал удари кон Денис Тот кој биле смртоносни, тврди неговиот адвокат Еленко Миланов. Според него, не постојат удари во глава од обвинетиот, кои според вештаците, биле смртоносни за Тот. Објаснуваше и дека ударот со нога од Андреј кон Тот е од десната страна, што нема никакво значење во однос на можноста да резултира со смрт. Адвокатот Миланов е дециден дека немало умисла, бидејќи обвинетиот Андреј го извадил од такси возилото Тот и се повлекува.

„Сметам дека тука господа судии завршува моментот за постоење на умисла директна за конкретната правна квалификација па дури и за евентуална умисла која што веројатно се обидува да ја алудира или наметна обвинителството. Сметам дека овој судски совет треба да го ослободи Андреј за правната квалификација сторување на кривично дело убиство. Но, на овој судски совет, со овој опис, останува да во однос на обвинетиот Андреј, може да утврди одговорност и дали тоа би било во насока на помагање или неспречување на нанесување на тесна телесна повреда или ќе утврди одговорност за правна квалификација учество во тепачка во која некое лице го изгубило животот, Андреј прифаќа и не бега од својата вина. Но не и за оваа квалификација (убиство)“, кажа адвокатот Миланов.

Според него, Андреј Костовски бил во афективна состојба.

„Обвинетиот Андреј ниту знаел ниту можел да претпостави таква афективна состојба, а уште помалку, да се согласи со истата, а во насока на тоа и со настанувањето на евентуалните повреди и крајниот исход – смртната последица. Ако го анализираме обвинителниот акт, дали во неговиот основен облик или во изминетиот дел, ќе се утврди дека апсолутно никаков елемент или момент за директна или евентуална умисла кај обвинетиот Андреј, за конкретното кривично дело или било каква повреда, на сега починатиот Тот. Она што стои во диспозитивот, а што го потенцираше и застапникот на обвинението во својот завршен збор е дека обвинетиот Андреј во моментот кога го извлекува Денис од такси возилото, по кратка вербална расправија, се оддалечува и оди до десната врата на такси возилото. Лице кај кое постои умисла да некој биде повреден или лишен од живот, не би се однесувал вака. Андреј во моментот кога констатира дека Денис Тот не е закана кон него и неговото здравје, се повлекува и оддалечува. Ова покажува дека не постои никаква умисла за повреда или уште помалку, ваква правна квалификација“, стои во завршниот збор на адвокатот Еленко Миланов.

Тој кажа дека немало тешка телесна повреда од која настапил смртниот исход кај Тот, а предизвикана од Андреј. Му порача на Обвинителството ако постои таква повреда да каже кој, кога и како ја нанел таа повреда бидејќи не постои соизвршителство за таква повреда.

„Она што како докази за конкретните повреди и нивното влијание вие како судски совет можевте да го увидите на оваа главна расправа е тоа дека според вештото лице, Александар Станков, смртната последица настанала пред се, поради нагмечување на почетниот дел од р’бетниот мозок и како клучна повреда, на почетниот дел од р’бетниот мозок, каде се наоѓаат и виталните центри, за да додаде дека свој допринос имало и нагмечувањето на големиот мозок. Ако овие повреди се клучни за жалнот исход од овој настан ги поврземе со дејствијата на Андреј кои му се ставаат на товар, според прецизираниот обвинителен акт каде стои ‘со нога задал удар во задниот кош и со затворена шака удар во пределот на главата’. Факт е дека ниту едно од овие дејствија, ниту довело, ниту можело да доведе до клучните повреди за настанувањето на смртната последица кај сега починатиот Тот. Кога ја опишува повредата на р’бетниот мозок, докторот опишува дека се настанати со ротациони движења на главата предизвикани од удари кои ги задобил оштетениот во пределот на главата и лицето. Ударот кои што се става на товар од обвинетиот Андреј е во пределот градниот кош. Според ова тврдење на Станков, апсолутно не може да доведе до ниту една од повредите на главата кои се резултат на нагмечување на тој предел и од кои последица е смртниот исход“, додаде Еленко Миланов.

Можевте да извршите преквалификација на делото „учество во тепачка“ во кое некое лице го загуби животот, ѝ порача Миланов на обвинителката.

„И тоа само поради овие две дејствија кои Андреј не ги спореше ниту во Обвинителството, ниту пред претставниците на МВР каде сам се јави и пријави во моментот кога беше објавено дека сега починатиот Денис Тот е во тешка состојба. Андреј ниту тогаш ниту сега не бега од своите дејствија. Андреј ја сфати својата грешка, се кае за тоа што таа вечер воопшто се најде на тој простор, но, ниту сакаше, ниту презема дејствие со кое некого би лишил од живот“, додаде Миланов.

Би можело да ве интересира

Миланов: Настанот во М-НАВ се случил зад грбот на Незири, без негово учество

И Обвинителството и одбраната бараат застарување на случајот за уривањето на Космoс

Александар Тодески

Миланов: Исказот на Нинџа е дискредитиран и не може да биде основа за осудителна пресуда

Катерина Ѓуровски

Миланов: Ќе поднесам жалба за притворот на Јанакиески

Сандра Бошковска