Специјалниот советник на американскиот државен секретар во Стејт департментот, Дерек Шоле изјави дека побарал од косовскиот премиер Албин Курти да ја одложат одлуката за регистарските таблички, јави дописникот на МИА од Белград.
Дерек Шоле на својот Твитер профил, а по телефонскиот разговор со Курти изјави дека главна тема на разговорот била избегнување на понатамошната ескалација.
Шоле соопшти дека најдобар пат за Приштина е нормализирање на дијалогот со Белград, со одложување на казните за регистарски таблички и враќање на Србите во привремените институции во Приштина.
-Одложете ги казните за регистарски таблички, оставете ја отворена вратата за враќање на косовските Срби во институциите и фокусирајте се на нормализирање на дијалогот со Србија – најдобар начин за подобрување на европската и евроатлантската интеграција на Косово, напиша Шоле.
Истовремено, заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ексобар, синоќа изрази надеж дека Белград и Приштина во наредните денови ќе постигнат договор за намалување на тензиите во северно Косово, со поддршка на специјалниот претставник на ЕУ и нагласи дека САД активно ги поддржуваат овие напори.
– Повлекувањето на косовските Срби од косовските институции не е решение за актуелните спорови и има потенцијал дополнително да ги ескалира тензиите на терен. Сите страни мора да преземат чекори за намалување на тензиите и обезбедување мир и стабилност. Акциите и реториката што ја зголемуваат можноста за насилство ги ставаат невините животи и животите на меѓународните мировници на терен на непотребен ризик, рече тој, додавајќи дека „ние не поддржуваме една страна, ние сме за почитување на Бриселскиот договор“.
Кога станува збор за формирање на Заедницата на српски општини, Ескобар изјави:
-Собранието на Косово го ратификуваше Бриселскиот договор, а Уставниот суд на Косово одлучи дека е потребно да се формира Заедницата на српски општини, со што формирањето е обврзувачко и е законска обврска за Косово.
Во пресрет на разговорите на српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Брисел, на покана на ЕУ, пред 21 ноември (понеделник) кога е почетокот на примената на одлуката на косовските власти за казни за сопствениците на возила со српска регистрација, се огласи германската амбасадорка во Србија, Анке Конрад која порача дека „Германија и Франција го поддржуваат процесот инициран со Бриселскиот договор, сметајќи дека е особено важно во оваа ситуација и Белград и Приштина да бидат подготвени за компромис, за да нема ескалација“, додавајќи дека таа не гледа на основ на што постојат сомнежи да Берлин ја поддржува само едната страна или дека повеќе не го сака Бриселскиот договор.
Таа во интервју за Танјуг посочи дека Германија се залага за почитување и имплементација на Бриселскиот договор, вклучително и формирањето на Заедница на српски општини, бидејќи тоа е дел од тој договор, но истовремено наведе дека во него има и други точки и дека двете страни треба да работат на неговата имплементација.
Како што најавија медиумите Вучиќ утре претпладне на ТВ Прва „ќе зборува за се пред патувањето во Брисел, како и за разговорите со Курти“.