Познатиот албански експерт за безбедност и криминалистика, Ервин Карамучо, гостувајќи во телевизиска емисија кажа од каде би можеле да дојдат терористички напади во Албанија.
Тој рече дека постојана опасност остануваат Курдите, кои може да ја нападнат Албанија во знак на одмазда поради добрите односи што земјата ги има со Турција.
Втората држава, според него, од каде што може да дојдат напади е Сирија и Башар Ал Асад.
Но, за професорот по криминалистика најголемата и најконстантна опасност е онаа од Иран.
Според него, имало три неуспешни напади на Иранците против Бектешката заедница.
-Постојат три можни сценарија кои вклучуваат терористички напади. Првите се Курдите. Добрите односи што ги имаме со Турција, што е поврзано и со екстрадицијата на курдските граѓани од страна на нашата земја. Второто е со Башар Ал Асад, и тие можат да направат нешто. Третиот и најголем ризик е Иран. Иран секогаш ги обвинува другите. Има 3 неуспешни обиди за атентат врз поглаварот на бектешката заедница, рече Карамучо.
Еден од трите неуспешни обиди е оној од 25 февруари 2019 година, кога беа уапсени тројца Иранци на влезот во седиштето на бектешката заедница.
Тие се претставиле како новинари а планираниот терористички напад требало да го извршат во моментот кога во тек била церемонијата за празникот Султан Невруз.
На церемонијата присуствувала и група муџахедини кои се сместени во кампот во Манез, во близина на Драч, каде што има над три илјади претставници на МЕК.
Извор: МИА