Најсериозна ситуација од 2013 година: ЕУ ги повика Вучиќ и Курти во Брисел

Од:

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти се поканети во Брисел на дијалог на највисоко ниво, соопшти портпаролот на ЕУ Петер Стано.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, во овој момент не е познато дали Вучиќ и Курти ја прифатиле поканата.

-Она што е ново е што ги поканивме и двајцата во Брисел за да се најде европско решение, европски излез од сегашната ситуација која е една од најсериозните од 2013 година. И тоа е целта. Како што кажав, ги поканивме во Брисел да разговараме за пронаоѓање на излез. Се надеваме дека ќе можат многу брзо да дојдат, за да можеме да го решиме прашањето, пред 21 ноември, а не потоа, како што кажа високиот претставник на ЕУ (Жозеп Борел), рече Стано.

Инаку, српскиот претседател Александар Вучиќ денеска престојува во Атина каде на работна вечера ќе разговара со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

Денеска од претставниците на Белград и Приштина можеше да се слушне дека сè уште нема договор за прашањето за табличките и за решавање на кризата.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ изјави дека Србите од Косово бараат да се спроведе и почитува потпишаното. Таа додаде дека Белград е загрижен бидејќи не ги гледа кај Приштина плодовите од разговорите со ЕУ и САД.

-Албин Курти вели дека бриселскиот договор не постои. Тоа се лоши сигнали. Тој договор постои и треба да се почитува, изјави Брнабиќ. Таа посочи и дека Белград очекува разговорите што ЕУ и САД ги водат со Приштина да вродат со плод.

Таа потсети дека владеењето на правото е европски принцип и дека тоа се одразува во спроведувањето на потпишаниот договор и дека Белград одамна ги исполнил своите обврски.

Брнабиќ наведе и дека според договорот за табличките од 2021 година се воведени налепници и дека е договорено тоа да не се менува без договор на двете страни, што, според неа, Приштина еднострано го прекршила.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Фицо: Словачка никогаш нема да ја изневери Србија по прашањето за Косово

Вучиќ: За прв пат во историјата на Србија, двајца министри поднесоа оставки

Вучиќ: Разговорот со Трамп е голема чест и успех за Србија

И Вучиќ се слушна со Трамп: Одличен разговор, најголема поддршка имаше од Србија

Предраг Петровиќ

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Вучиќ: Државата ги презеде сите мерки за да ги казни одговорните