Европската Унија замрзна вкупно 68 милијарди евра руски имот, најмногу во Белгија, покажа интерниот документ на Европската комисија до кој дојде Политико.
Белгија е на прво место со 50 милијарди, а веднаш по неа е Луксембург со 5,5 милијарди евра.
Кога на Белгија и Луксембург ќе им се приклучат Италија, Германија, Ирска, Австрија и Франција, сите заедно сочинуваат над 90 отсто од замрзнатиот имот на руски граѓани во Европската Унија.
Меѓутоа, Брисел не знае колку руски национални девизни резерви се замрзнати во Унијата, наведува медиумот. Во интерниот документ на Комисијата има приближен број од 33,8 милијарди евра, но, се додава дека „ова е моменталната проценка, па точниот податок не е даден“.
Комисијата чека Советот на Европа да ја одобри одлуката со што избегнувањето санкции ќе биде прогласено за кривично дело во ЕУ, што би ја олеснило конфискацијата на имот при кривична пресуда.
Малку изненадувачки, проблем претставува тоа што Полска го запре овој процес, пишува во документот на Европската комисија.
Еден дипломат вели дека Варшава е целосно усогласена со ЕУ, но, оти прво треба да усвои национален закон, а како што додава, постапката е во тек, пренесува Политико.
Извор: МИА