Изборите во општините од кои косовските Срби поднесоа оставки закажани за 18 декември

Од:

Претседателката на Косово, Вјоса Османи синоќа објави дека го закажала одржувањето на вонредните локални избори во општините со мнозинско српско население во северно Косово, во кои градоначалниците и членовите на советите поднесоа оставки на почетокот на месецов, јави дописникот на МИА од Приштина.

По состанокот со претставници на неколку косовски партии, главно од немнозинските етнички заедници, кабинетот на Османи објави дека таа одлучила изборите во општините Северна Митровица, Зубин Поток, Лепосавиќ и Звечане да се одржат на 18 декември.

-Се упатува Централната изборна комисија да ги преземи сите потребни дејствија за организирање и одржување на изборите за градоначалници во Северна Митровица, Зубин Поток, Лепосавиќ и Звечане, согласно оваа одлука и законите кои се на сила, се вели во соопштението од кабинетот на Османи.

Таа најави и дека ќе побара од меѓународните партнери да го набљудуваат гласањето на 18 декември и да бидат што е можно поприсутни на терен во текот на целиот изборен процес.

-Претседателката Османи исто така нагласи дека безбедносните институции ќе ги преземат сите мерки со цел граѓаните, без оглед на нивната припадност, да го остварат своето уставно право, се вели во соопштението.

Косовските Срби, на повик на најголемата партија на таа заедница во Косово, Српска листа (СЛ), која е отворено поддржана и од официјален Белград, ги напуштија државните и локалните институции, поради најавата за казнување на лицата што нема да ги сменат регистарските таблички издадени од Србија со таблички со ознаките РКС – Република Косово.

СЛ најави „жесток отпор“ доколку се започне со изрекување парични казни за тие што нема да ги сменат табличките, како што се вели во одлуката на Владата на Албин Курти, а враќањето во институциите го условија и со формирањето на заедница на општини со мнозинско српско население во Косово.

На денешниот состанок кај Османи, иако беа поканети, не присуствуваа лидерите на парламентарните опозициски партии на косовските Албанци, кои бараат од Курти да го исполни барањето на САД и другите западни сојузници за одлагање на спроведувањето на одлуката за табличките.

Би можело да ве интересира

Нов пограничен инцидент помеѓу Косово и Србија

Османи: Гледаме многу загриженост кај Албанците во Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор

УЕФА донесе одлука за прекинатиот натпревар меѓу Романија и Косово

Курти: Косово и Македонија немаат несогласувања, ние сме соседи, пријатели и партнери

Катерина Ѓуровски

Мицкоски пристигна во Косово, во тек меѓувладината седница

Катерина Ѓуровски

Заедничка седница на владите на Северна Македонија и на Косово во Приштина