Само позитивни критики имаше од членовите на Советот за јавни обвинители за новиот шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази. На седницата каде тој е назначен и официјално на функцијата, сите кажаа по некој збор, освен, Јасна Жежова. Во главно, членовите се осврнаа како се подобрила состојбата во гостиварското обвинителство откако тој станал шеф на Вишото обвинителство-Гостивар.
Иџет Мемети е единствениот кој даде коментар и за тоа дека избраниот е Албанец.
“Надминати се етничките бариери. Двајцата кандидати од различни етнички заедници добиле најмногу гласови…“, кажа Меџити.
Коле Штерјев, посочи дека во време на Абази, куп предмети биле решени, а претходно седеле по фиоки. Тој смета дека тоа е благодарение на менаџерањето на сега новиот шеф на ОЈО-ГОКК. Љубомир Јовески, по Штерјев, кажа дека гостиварското обвинителство имало солидни резултати.
Претседателот на Советот на јавни обвинители, Анотнио Јолевски, прашан дали секогаш имале вакви пофалби за Абази, какви што јавноста слушна денеска. Новинарите се интересираа како денеска се зборува се најдобро за новиот шеф на ОЈО-ГОКК, а пред една недела ниту биографијата не му ја знаеја.
„Јас сум тука во овие две години. Извештајот беше позитивно оценет на гостиварското обвинителство, дека беше постигнат напредок да се решат нерешените предмети. И дека откако дошол овој обвинител, состојбата е подобра. Знам дека се позитивно оценувани. Позитивно се оценувани и на други обвинителства, ако веќе земеме дека сите обвинителства се позитивно оценети, нормално дека ќе се истакнуваат одредени негативности. Не можеме да речеме дека е се розово и во гостиварското. Нема обвинителство каде се е розово. И да сакаат не можат да имаат ажурност поради бројот на обвинители и обемот на работа“, кажа Јолевски.
Ислам Абази беше избран со 66 гласови преку непосредно гласање на обвинителите.