Јавниот обвинител кој е избран за шеф на ОЈО-ГОКК ќе се повлече од Академијата за судии и јавни обвинители каде требаше да биде член на Управниот одбор. Ова доаѓа откако во јавност се отвори дебата за негово влијание, а со оглед дека неговата сопруга слуша обука во Академијата, а тој требаше да управува.
„Како што истакнав и во моето првично обраќање до јавноста, мојата сопруга во моментов е слушател на Академијата за судии и јавни обвинители. Со оглед на тоа што таа е пред завршување на Академијата, не сакам да падне било каков сомнеж во објективноста при спроведувањето на завршниот испит и оценувањето. Затоа се откажувам од членувањето во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители и барам Советот да ја измени одлуката “ – истакнува Абази во барањето што ќе го достави до Советот на јавните обвинители.
Според законот за академија на судии и јавни обвинители Управниот има долг список на надлежности. Законот кој ја регулира работата на Академијата предвидува дека Управниот одбор носи одлуки по приговори поднесени од кандидати, а учествуваат и во постапката за полагање бидејќи членовите на овој одбор на крајот од процесот го усвојуваат извештајот.
Со функцијата член на Управен одбор, постои можноста и за вршење на влијание. Во надлежноста на членовите е назначување и разрешување на директор, да одлучуваат за тоа кои ќе бидат предавачи, да формираат и распуштаат комисии, усвојуваат извештаи, донесуваат акти.